Хулен Лопетеги е губитник, еден од најголемите во тренерската историја. Шпанскиот стратег ваквиот епитет си го заслужи поради случувањата во последните пет месеци.
Тој како селектор на Шпанија тргна на Светското првенство во Русија, беше во кампот со фудбалерите и ја кроеше тактиката за настап на Мундијалот. Но само на два дена пред почетокот на смотрата Реал Мадрид објави дека Лопетеги ќе биде нивниот следен тренер по што следуваше експресен отказ од Шпанската фудбалска федерација.
На два дена пред почетокот на Светското првенство, Лопетеги ја изгуби селекторската функција поради тоа што Реал Мадрид и тој решија во погрешен момент да ја информираат јавноста за нивниот договор.
Можеби тоа ќе се заборавеше доколку имаше успеси во Реал Мадрид. Но тоа не беше случај, на клупата на кралскиот клуб издржа само три месеци по што доби отказ.
Реал Мадрид под водство на Лопетеги беше очаен, по 10 одиграни кола во Примера, кралскиот клуб е на деветото место со само 14 бода, пред него се екипи како Гетафе, Леванте, Ваљадолид, Еспањол, Алавес.
Хулен Лопетеги на два дена пред почетокот на Светското првенство доби отказ од Шпанија, а по три месеци беше отпуштен и од Реал Мадрид. Губитник каков што немало во последно време.