Баерн Минхен доби нов тинејџер кој веќе го привлече вниманието на фудбалска Европа. Станува збор за Филип Павиќ, млад играч со хрватско потекло кој игра за Германија, а дебитираше во Лигата на шампионите и веднаш влезе во историјата.
Павиќ шанса доби во убедливата победа над Аталанта од 4-0, а со настапот на само 16 години и 58 дена, тој стана најмладиот фудбалер на Баерн кој заиграл во елитното натпреварување.
Воедно, младиот талент се најде и на високото трето место на вечната листа на најмлади дебитанти во Лигата на шампионите. Пред него се само Макс Дауман и Јусуфа Мукоко, додека зад него остана Ламин Јамал.
Од УЕФА потврдија дека Павиќ е и првиот играч роден 2010 година кој настапил во ова натпреварување, што дополнително ја нагласува тежината на неговиот подвиг.