Македонскиот
бисер даде долго интервју за Хуријет откако конечно се најде во составот на
Фенербахче и на изминатите два натпревари доби шанса на клупата за резерви.
Елиф Елмас
потпиша за „Жолто-црните“ уште минатото лето, но бидејќи немаше наполнето 18 години,
немаше право веднаш да заигра за гигантот од Истанбул. Специјалната дозвола од
ФИФА дојде предоцна, па репрезентативецот на „Црвено-жолтите“ првиот дел од
сезоната го помина со резервите и дури сега му се стави на располагање на
тренерот Кочаман.
„Прилично доста
клубови доставија понуди за мене, но тие денови се зад мене и не сакам многу да
зборувам за работи кои се случувале во минатото. Најважна е сегашноста и
иднината и можам да кажам: Горд сум што Фенер е мојот избор бидејќи сум многу
среќен” – вели Елиф Елмас.
„Го гледав Фенер
уште како дете, се работи за еден од најдобрите клубови во светот. Гледав многу
големи дерби пресметки како Фенербахче-Галатасарај, Фенербахче-Бешикташш…
Пораснав со овие дерби натпревари и тие имаа големо влијание врз мојата одлука,
дојдов тука токму поради овие дерби натпревари. Се надевам дека и јас ќе играм
на вакви дерби пресметки”.
Кога новинарот го
притисна да каже од кого сè добил понуда, Елиф Елмас во прв момент одби и
порача: „Ќе го задржам тоа за себе!“, но потоа потврди дека на неговата врата
тропнале Пеп Гвардиола и Манчестер Сити.
„Да, имав понуда
од гигант од Англија, и да, тоа беше Манчестер Сити”.
Во неговиот
трансфер прсти замеша и Перо Антиќ, најдобриот кошаркар на Македонија, кој во
тој период ги бранеше боите на кошаркарскиот тим на Фенербахче.
„Претставници на
Фенер дојдоа да разговараат со мене. Доаѓаа речиси секој ден во период од три
недели. Исто така, во продавницата на мојот татко дојде и Перо Антиќ, кој тогаш
играше за кошаркарскиот тим на Фенербахче. Често се гледав со Перо Антиќ и
официјални лица на Фенер, и еве конечно сум тука”.
Запрашан како се
чувствувал изминативе месеци поради тоа што не можеше да игра за првиот тим, и
на која позиција се гледа сега откако е во составот, Елиф Елмас вели: „Не само
на мене, на секој играч ќе му биде тешко во една ваква ситуација. Но тие денови
се минато, сега сум во првиот тим и се фокусирам само на тоа што можам да
понудам и како да помогнам. Се надевам дека сега се ќе биде добро, но подготвен
сум да се справам со сите пречки кои ќе ми излезат”.
„Мислам дека ги
имам сите карактеристики кои еден професионалец треба да ги има. Јас сум
сестран фудбалер и можам да играм на неколку позиции. Можам да играм
подефанзивно, да помагам во одбрана но преферирам да играм поофанзивно.
Обожавам да дриблам, ги користам двете нозе. Многу сум среќен кога асистирам и
погодувам”.
„Можам да играм
на било која позиција, но да, 10-ката е мојата позиција а втора најдобра
алтернатива е левата крилна позиција”.
Тинејџерот исто така
му се заблагодари и на Работнички, клубот кој му даде шанса да дебитира со 16
години.
„Сакам да упатам
голема благодарност до Работнички, ми помогна многу. Тие две сезони беа многу
важни за мене. Ми дадоа голема шанса. Одиграв многу натпревари и дадов голем
допринос. Се надевам дека ќе бидам од уште поголема корист за Фенербахче”.