Мохамед Салах игра импресивна сезона во Премиер лигата, бидејќи по 27 кола бележи вртоглави бројки.
Досега египетскиот крилен напаѓач на „црвените“ учествуваше во 41 погодок на својот клуб. Салах постигна 25 гола, а подели и 16 асистенции до соиграчите. Египќанецот како да игра да докаже дека Ливерпул греши што не му го продолжи договорот, иако тоа му оди и во полза на клубот кој чекори кон шампионската титула.
Во тековната сезона Салах на 11 натпревари имаше по гол и асистенција, а ако продолжи со темпото на игра може да одигра најдобра сезона во историјата на Премиер лигата.
Салах „цели“ кон рекордите на Алан Ширер и Енди Кол кои во една сезона имаат збир од 47 гола и асистенции, меѓутоа во времето кога во Премиер лигата се играа 42 натпревари. Сега иако се играат четири помалку, на 11 рунди до крајот на Салах му се потребни седум гола и асистенции за да постави историја во англискиот фудбал.