По две децении минати на фудбалските терени, Даниел Мојсов донесе одлука да ја заврши својата играчка кариера. Искусниот стопер ги одигра последните натпревари во дресот на матичниот ГФК Тиквеш, клубот во кој ги направи и првите фудбалски чекори.
Мојсов стави точка на кариерата по сезона која ќе остане запаметена во Кавадарци. Како еден од лидерите на тимот, беше дел од генерацијата што го освои првиот Куп на Македонија во клупската историја и обезбеди настап во европските натпреварувања.
Во репрезентативниот дрес на Македонија одигра 39 натпревари, а претходно настапуваше и за младинските национални селекции. Во текот на кариерата остави белег и надвор од македонскиот фудбал, носејќи ги дресовите на Војводина, Бран, Лирс, Адана и АЕК Ларнака.
Покрај Тиквеш, во домашниот шампионат играше и за Вардар, Македонија Ѓорче Петров и Брегалница, а со своето искуство и лидерски квалитети важеше за еден од најсигурните македонски дефанзивци во изминатите години.