Челси со минимални 1-0 го совлада Лестер, херој на домаќините беше Кукуреља, кој погоди од далечина и донесе три бода со кои „сините“ се вратија во топ 4 на табелата.
Малку фалеше Челси пред Божиќ да се најде на врвот на табелата, но очајните резултати во јануари и февруари не само што ги оддалечија „сините“ од битката за титулата, ќе имаат доста мака и за топ 4 финиш.
Попладнево, избраниците на Мареска славеа со 1-0 над Лестер и врзаа две победи во Премиерлигата за прв пат по декември, како доказ за лошите резултати изминативе два месеци.
Херој на Челси беше Марк Кукуреља, кој по еден час игра погоди од далечина и донесе три бода со кои „сините“ го скокнаа Манчестер Сити на табелата и се најдоа во местата кои носат настап во Лигата на шампиони.
На вториот натпревар од 15 часот, Тотнем се врати од два гола негатива и се избори за бод против Борнмут.
Таверние ги донесе гостите во предност од 0-1 во финишот на првиот дел, а Еванилсон убаво реализираше за 0-2 во 65. минута.
„Спарси“ веднаш одговорија преку Сар и намалија на 1-2, за Сон од пенал во 84. минута да донесе 2-2.