Челси и во новата сезона ќе остане без генерален спонзор на предната страна од дресот, а поранешниот шеф на глобалниот маркетинг во клубот, Кристијан Перслоу, откри зошто доаѓа до оваа необична ситуација.
Иако спонзорските договори претставуваат значаен извор на приходи за најголемите фудбалски клубови, Челси веќе третпат по ред ќе започне сезона без бренд на своите дресови.
Проблемот се појави по доаѓањето на американскиот бизнисмен Тод Боли на чело на клубот, кој го презеде Челси по принудната продажба од страна на Роман Абрамович.
Според Перслоу, причината не е недостигот од заинтересирани компании. Напротив, постојат брендови кои сакаат да се најдат на дресот на лондонскиот клуб, но сопствениците не се подготвени да прифатат понуда која, според нив, не ја одразува вистинската вредност на рекламниот простор.
„Искрено, неверојатно е што Челси започнува уште една сезона без генерален спонзор на дресот. Не е проблемот во тоа што нема брендови заинтересирани за ова место, туку во ставот на сопственичката група. Тие повеќе би избрале дресот да остане без спонзор, отколку да прифатат сума која не ја сметаат за доволно висока“, објасни Перслоу.
Така, Челси повторно ќе настапува без спонзор на предната страна од дресот. Сепак, ситуацијата може да се промени во текот на сезоната доколку клубот добие понуда која ќе ги исполни неговите финансиски барања.