Фудбалерите на Брера ќе го дочекаат Башкими во натпревар од деветтата рунда на Првата македонска фудбалска лига. Двете екипи се во добар ритам, зад себе имаат по две победи, а на низата Башкими го додаде и ремито со Вардар во минатото коло. Натпреварот во Струмица ќе биде важен за двете екипи кои сакаат да се одлепат над опасната зона.
Во пресрет на дуелот на екипите со идентичен скор во последните пет меча краток коментар даде тренерот на струмичани Мартин Алаѓозовски.
„Фудбалерите ја прифатија мојата филозофија и на секој нареден натпревар сме сѐ подобри. Верувам дека ќе продолжиме во ист стил“, вели шефот на стручниот штаб на Брера.
Најава за натпреварот даде голманот на кумановци Лука Стојковски.
„Атмосферата по Вардар е на високо ниво и се подготвуваме за натпреварот против АП Брера, каде што гостуваме во Струмица. Подготовките за овој натпревар поминаа одлично. Добро го анализиравме противникот и одиме во Струмица да се надигруваме. Се работи за сериозна екипа со млади играчи. Секој натпревар е тежок, но во Прва Лига нема лесен натпревар. Не го потценувам противникот, но Башкими кај и да гостува, ние одиме на трите бода, така и ќе биде и сега. Максимално сме подготвени за овој натпревар и сакаме да се вратиме од Струмица со три бода во Куманово“, изјави чуварот на мрежата на Башкими.
Башкими е опасен ривал кога на игра гостински терен, го почувствуваа тоа претходно и Пелистер и Работнички, па Брера ќе мора да биде внимателна и максимално фокусирана во текот на целиот натпревар.
Натпреварот меѓу Брера и Башкими се игра на стадионот „Младост“ во Струмица со почеток во 15:00 часот.