Белград лудува, Црвена звезда го победи Ливерпул! (ВИДЕО)

by
2 минути читање

Ливерпул на Маракана истрча како голем фаворит против Црвена звезда, играчите на Јирген Клоп веројатно мислеа дека треба само да истрчаат за да ги освојат бодовите, го потценија противникот и изгубија.

Црвена звезда одигра храбро, машки, без никаков респект кон ѕвездите на Ливерпул, и благодарение на два гола на Павков дојде до првата победа од Лигата на шампионите.

Резултатот беше отворен во 22. минута кога по центаршут на Марко Марин, Павков погоди убаво со глава за водство од 1-0 на Црвена звезда и прва ерупција на Маракана.

Само седум минути подоцна, Павков одлично прифати една топка се избори за позиција и со топовски удар од далечина го зголеми водството на Црвена звезда на 2-0.

Ливерпул речиси ништо не направи во првиот дел, имаше само една убава шанса преку Стариџ кој не успеа да го погоди голот на домаќинот.

Во второто полувреме Ливерпул тргнаа поофанзивно кон голот на Борјан, а Црвена звезда од контра напади се обидуваше да дојде до трет гол.

Црвените од Англија два пати ја погодија конструкцијата на голот, еднаш можеше да биде автогол, но топката заврши во пречката, а потоа Салах биеше во стативата од голот на Црвена звезда.

Играчите на Црвена звезда беа максимално фокусирани во текот на целиот меч и на крајот заслужено се радуваа на првата победа. Маракана остана неосвоива тврдина, па овие три бода се надоврзуваат на тој еден против Наполи.

Во вториот натпревар од истиот термин Клуб Бриж со 4-0 победи на гостувањето кај Монако. Тоа беше и петтиот натпревар за Анри како тренер на францускиот клуб, но се уште нема ниту една победа.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани