Македонскиот првак Шкендија испишува историја и за првпат носи европска пролет во Македонија. Тетовци утре од 21:00 часот на арената Тодор Проески во Скопје ќе го одиграат првиот натпревар од плеј офот во УЕФА Конференциска лига.
Противник на македонскиот шампион е Самсунспор, а влогот е огромен. Двомечот носи место меѓу најдобрите 16 екипи во натпреварувањето и можност за нов историски чекор за македонскиот фудбал. Тренерот Јетон Беќири потенцира дека неговиот тим треба да ужива во моментот, но и да биде максимално фокусиран на резултатот.
„Се отежнија работите за нас затоа што противникот има нов тренер и тоа значи промена на игра. Меч кој треба да го чувствуваме, да уживаме. Да се игра во Европа во февруари е нешто спектакуларно. Ќе се бориме за добра претстава и за добар резултат. Мислам дека Самсунспор е еден од поквалитетните екипи, но и најквалитетните, затоа што само една до две екипи се посилни од нив во ова натпреварување. На почетокот на мечот нема да знаеме со каква формација ќе играат затоа што кога еден тренер дебитира не можеме да знаеме. Но се надевам дека ќе дадеме максиумум и да бидеме борбени и трпеливи.
Распоредот е згуснат, јас мислам дека имаме голем ростер и ќе ни излезат во пресрет за овие два меча. Треба да се бориме до последен момент, затоа што во наш интерес е да имаме што повеќе мечеви и да се преставуваме добро и како македонска екипа во Европа“, додаде Беќири.
Пред Шкендија е историска можност, а утрешниот дуел во Скопје може да биде уште едно поглавје кое ќе се памети долго во македонскиот фудбал.