„АС“ открива како Реал Мадрид го украде јапонскиот „Меси“ од Барселона

by
2 минути читање

Кубо или јапонскиот „Меси“ како што го нарекуваат, беше дел од школата на Барселона, но и еден од играчите поради кој УЕФА ги казни Каталонците со забрана за трансфери од два преодни рока. Поради неговата возраст, тој беше нелегален член на каталонскиот клуб.

Јапонецот се врати во својата земја и потпиша договор со Токио кој траеше до 4 јуни, само два дена откако наполни 18 години и дојде до возраста со која може да се договори со европски клуб.

Се веруваше дека Барселона останува првата опција за Кубо и тој како возрасен сега ќе потпише за шпанскиот шампион, но наместо тоа тој отиде во Реал Мадрид.

„АС“ открива дека парите се најголемата причина поради која Реал Мадрид го украде Кубо од Барселона. Парите не само како заработка туку и како показател колку е вреднуван од страна на клубот.

Од Барселона му рекле дека ќе започне од нивниот втор тим кој игра во Сегунда Б и му понудиле релативно просечна плата од 250.000 евра по сезона.

Тогаш настапил Реал Мадрид, договориле состанок со претставниците на Кубо и му понудиле еден поинаков договор. Јапонецот ќе почне од Кастиља каде просечната плата е 130.000 евра, но тој ќе добива многу повеќе од таа сума со што клубот му дава јасно дознаење дека во иднина сериозно ќе смета на него.

Договорот на Реал Мадрид со Кубо е плата од 2 милиони евра по сезона (околу 1,2 милиони нето) што е многу повеќе од она што му го понудила Барселона.

Реал Мадрид ќе плати и некоја мала отштета на Токио кој ги има тренинг правата од фудбалерот.

Јапонија во Кубо гледа фудбалер кој треба да биде лидер на нивната репрезентација на олимписките игри во Токио 2020 и будно ќе го следат секој негов чекор во Мадрид. Јапонија го сака златото од игрите и федерацијата има детален план за тоа. Таа селекција на Јапонија (до 23 години) беше дел од Копа Америка, а Кубо стартуваше на два од трите натпревари.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани