Палермо сака брзо враќање во елитата на Италија, но за
тоа се чини дека ќе треба добро да се намачи до крајот на шампионатот во Серија
Б, откако по десет кола речиси сите екипи се во игра за неколкуте места кои
водат до промоција, или пак плеј оф, во лудиот старт во Втората лига на
Италија.
Поразот од Новара пред своја публика со 0-2 се чини дека
го вклучи алармот во тимот од Сицилија, а по мечот говореа Бруно Тедино,
стратегот од клупата на италијанскиот второлигаш, како и капитенот на екипата,
Илија Несторовски.
„Илија мора да игра, но нему му е потребна сета поддршка
од останатите во тимот. Работевме одлично изминативе неколку месеци, но овој
викенд потфрливме целосно, ова беше шок за нас…“ рече Тедино кој побара
поддршка за нашиот 27 годишен напаѓач од неговите соиграчи во тимот.
„Многу лош старт на мечот, уште потежок финиш за нас, ова
е пораз кој мораме брзо да го заборавиме, сите грешат, па така и ние… Многу е
важно да ги консолидираме редовите по овој пораз и против Карпи да се вратиме
на победите“ порача Несторовски кој со четири погодоци моментално е прв стрелец
во тимот.
Несторовски ги одигра сите 90 минути од средбата во
саботата, а нашиот втор интернационалец од Палермо, Александар Трајковски
играше се до 62. минута, кога беше заменет по само пет минути од почетното
водство на гостите.
Токму Трајковски, во формациската поставеност на Тедино
играше како полушпиц, веднаш зад Несторовски.