Македонскиот интернационалец од редовите на португалски
Спортинг Лисабон, 25 годишниот бек Стефан Ристовски е во фокусот на вниманието,
барем за момент, по неговата изјава за италијански „Тутоспорт“ за претстојниот
меч со Јувентус на гости во Лигата на шампионите.
Ристовски веќе е добро познат на тамошната јавност,
особено по неговиот настап против Италија, токму во Торино каде нашата
селекција изненадувачки извлече реми од ова гостување, па го предупреди
калчолигашот дека може да се најде во иста ситуација како и италијанската
репрезентација.
„Спортинг Лисабон има премногу добра екипа, изградена е
да го освои домашниот шампионат и да оди што е можно подалеку во Лигата на
шампионите. Ние нема да дојдеме во Торино со бело знаме. Сакаме да завршиме
како втори во групата. Зошто да не? Италија исто беше фаворит против Македонија,
но видовте како заврши мечот. Фудбалот се решава на теренот“ порача
македонскиот репрезентативец.
Сепак, Ристовски откри и кога дошло до договор со
Спортинг Лисабон, ако се земе во предвид дека најавите за неговиот трансфер во
португалската екипа беа сведени на сага, која се реши дури изминатото лето,
кога го напушти хрватскиот првак.
„Јас дојдов пред извесен период во клубов, тешко е, морам
да бдиам искрен. Имаат одлични фудбалери и морам да учам португалски јазик, во
спротивно не можам да разберам што сака да каже Жорге Жесус. Јас сум во тимот
само два месеци и тој не сака да ризикува, Спортинг ме посакуваше уште во
јануари, тогаш се случи договорот. Убеден сум дека го направив вистинскиот
избор, сега, морам да учам португалски“ рече дефанзивецот.
Во однос на групата „Д“, на табелата прва е Барселона со
6 бода, следат Спортинг и Јувентус со по 3, односно Олимпијакос засега е без
бодови.