Бранителот на титулата во домашниот фудбалски шампионат,
Вардар утре на домашен терен на „Националната Арена Филип Втори“ го пречекува
тимот на Шкендија, моментално лидер на табелата во Првата лига.
Дејан Блажевски, фудбалерот на Вардар вели дека целта на
неговата екипа се три бода, иако противникот има одличен состав, а притоа
повика и на поддршка од трибините.
„Нашата
цел на овој натпревар е освојување на трите бода, иако играме против една добра
екипа. Меѓутоа верувам дека ако пружиме добра игра, ако играме онака како што
ќе се договориме, дека можеме да ја оствариме нашата цел. Ја повикувам и
публиката да дојде во што поголем број да ни даде поддршка за да стигнеме до
победата на ова дерби“ вели офанзивецот на црвено-црните.
„Ова
за нас беше тежок прв дел од сезоната. Игравме и во Европа, и од тука имавме
тешки натпревари. Освен оној пораз со Шкендија и нерешениот резултат со Скопје,
на другите мечеви остваривме победи и мораме да бидеме задоволни. Но, верувам
дека овој втор дел до крајот на есенскиот дел ќе биде уште подобар и дека ќе
успееме да стигнеме до првото место, онаму каде што ни е местото“ додаде
Блажевски.
Вардар заостанува зад водечката Шкендија на табелата
девет бода, но избраниците на Чеде Јаневски имаат и два меча помалку од
најголемиот ривал за титулата сезонава.
Утрешното големо дерби стартува во терминот од 14 часот и
30 минути.
Извор/Фото-вест: fkvardar.mk