По одличниот старт во квалификациите за пласман на
Европското првенство во Италија кое се одржува во 2019. година, и гостинската
победа кај Ерменија со 0-3, младата македонска фудбалска репрезентација за
фудбалери до 21 годишна возраст претрпе пораз од соодветната селекција на
Србија со 0-2, на домашен терен.
Избраниците на Благоја Милевски парираа на гостинскиот
тим кој беше фаворит во оваа пресметка, а таа фаворитска улога на мечот кој се
одигра на Тренинг центарот „Петар Милошевски“ во целост ја оправда.
Лукиќ ја доведе селекцијата на Србија во почетно водство
од 0-1 во 22. минута, а гостинскиот табор уште во 37. минута ги постави конечните
0-2 и тоа преку Живковиќ по неговиот одличен погодок.
Статистички, гостинскиот табор имаше 14 обиди кон голот
на Илиќ, од кои 10 беа во рамките, нашиот табор имаше 7 обиди од кои 4 беа во
рамките на голот. Гостите доминираа и во делот на поседот на топката (55%) во
однос на нашата селекција (45%).
Ќе издвоиме и дека нашиот тим играше со фудбалер помалку
откако во завршницата од мечот, поточно во 86. минута Чешмеџиев беше предвреме
испратен во соблекувалната откако заработи втор жолт картон.
За одбележување е податокот дека ова е прв пораз за
нашата млада фудбалска репрезентација пред своја публика после цели три години,
последниот беше од Израел и тоа убедлив со 0-3 во 2014. година во
квалификациите за ЕП 2015 Чешка.
Македонија: Илиќ, Амановиќ, Попзлатанов, Симовски (Кривањева 79’), Костадинов,
Петковски (Абаз 66’),
Ѓорѓев, Селмани (Ѓорѓиев 56’), Чешмеџиев,
Тотре и Елмас.
Во третото коло младите надежи гостуваат кај Гибралтар,
аутсајдерот во нашата група.
Табела, квалификациска група „7“: Русија 7 (3 меча),
Ерменија 7 (четири меча), Србија 6 (два меча), Австрија 3 (два меча),
Македонија 3 (два меча) и Гибралтар 0 (пет меча).
Фото-вест: ffm.mk (архива)