30 годишниот македонски интернационалец од редовите на
турскиот Суперлигаш Гезтепе, Адис Јаховиќ игра во извонредна форма и во новата
сезона.
Нашиот напаѓач ланската сезона беше вистински предводник
на тимот од Измир во успешната битка за пласман во елитата на Турција, а сега
го води и во тамошниот врв, откако со 13 бода Гезтепе е на делба на второто
место на табелата заедно со Бешикташ, односно заостанува само три бода зад
лидерот Галатасарај.
Но, фантастичниот учинок на Гезтепе засега оди на сметка
на нашиот Јаховиќ, кој по шесте одиграни кола во тамошната Суперлига постигна
исто толку и погодоци, а изминатиот викенд погоди три пати во мрежата на
Сиваспор, за гостинска победа од 2-3.
Јаховиќ со шест погодоци е на третото место на листата на
стрелците, зад Бафетимби Гомис од Галатасарај односно Бурак Јилмаз од
Трабзонспор кои го делат првото место со по седум погодоци.
Но, она што пристигна како награда за нашиот фудбалер е
фактот што се најде во тимот на шестото коло во Турција, во селектирање кое го направи турската верзија на фудбалскиот портал „Гол“, и тоа во друштво на
Бразилецот Вагнер Лав од Аланија во нападот, а во истиот тим се најдоа и ѕвезди
како Самир Насри, Маурицио Исла…