Во изминатите денови во Шпанија во центарот на вниманието е ситуацијата со Реал Мадрид во која „кралевите“ се жалеа на судењето по поразот од Еспањол.
Шпанските фудбалски клубови од првата и втората лига денеска одржале заеднички состанок со судиите на кој претставник немал само Реал Мадрид. На тој состанок клубовите застанале на ставот дека „кралевите“ под итно треба да бидат казнети поради притисокот кој го прават на судиите.
Медиумите во Шпанија пренесуваат дека на состанокот прво се огласиле Севиља и Атлетико Мадрид, а потоа и останатите. Сите заедно заклучиле дека соопштението и испратената жалба е вршење притисок на судиите.
Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Шпанија Рафаел Лузан кој го организираше состанокот го нарекол историски.
„На клубовите од Ла Лига им е доста од обвинувањата на Реал Мадрид и притисокот на судиската заедница. На состанокот со Фудбалскиот сојуз, Ла Лига и Техничкиот одбор на судиите покажаа незадоволство од однесувањето на Реал и бараа да се преземат потребните мерки. Острата реакција на Реал Мадрид по натпреварот против Еспањол во кој ниту Муниз Руиз, ниту ВАР собата не сметаа дека прекршокот на Карлос Ромеро над Килијан Мбапе е за црвен картон беше капката која ја прели чашата. Никој од Реал Мадрид не беше присутен на состанок бидејќи така сакаа да го покажат својот став кон судиите“, пишува „Марка“:
Во јавноста се огласи и првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас.
„Изградија наратив на жртва. Веќе долго време го прават тоа, а тоа не е вистина. Тоа што се обидуваат да го направат е да влијаат на конкуренцијата на начи на кој не смее да биде дозволен. Ќе поднесеме пријава. Ќе анализираме дали ќе биде тоа против клубот, потписниците на писмото или управниот одбро. Во нивната изјава има невистини и не треба да поминат без казна“, изјави Тебас.