Клубот и навивачите на Милан се шокирани од однесувањето на Џанлуиџи Донарума кој под влијание на неговиот агент Мино Рајола реши да им го сврти грбот на „росонерите“.
Тие му дадоа шанса да дебитира на 16 години, сега му понудија нов, богат договор со плата од околу 4,5 милиони евра, но тој ги одби.
Италијанските медиуми се преполни со реакции од луѓе поврзани со Милан, а ние ви пренесуваме една голманска, од Енрико Албертоси кој во седумдесетите години бранел за „росонерите“.
„Лудо е дека 18 годишно дете може да одбие толку важен договор понуден од голем клуб како Милан за да оди којзнае каде“ – вели Албертоси.
„Тој можеби нема да биде ни прв избор кај и да оди, бидејќи се уште не докажал дека е голем голман. Беше добар во Милан, но правеше и некои грешки, имаше успони и падови“.
„Го предаде Милан, му сврте грб на голем клуб кој имаше верба во него и му даде да дебитира во Серија А на 16 години. Мислам дека момчето требаше да му каже јасно на неговиот агент што сака, бидејќи на крајот финалната одлука ја носи спортистот“.
„Можам да кажам дека одлуката на Донарума да замине од Милан е комплетно погрешна“.
Албетроси го носеше дресот на Милан од 1974 до 1980 година.