Ливерпул влегува во кризен период откако доживеа пораз и од Челси во ФА Купот. Тимот кој изгледаше страшно до пред само некое време сега за кратко време нанижа три порази.
Најпрво загубија од Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите, па во Премиерлигата го доживеаа првиот пораз губејќи од Ватфорд и сега со наведната глава го напуштаат и дуелот со Челси.
Ливерпул со неколку убави шанси го почна мечот по грешки на дефанзивците на Челси но Кепа Аризабалага бранеше како препороден по периодот кој го помина на клупата.
Сините брзо го казнија Ливерпул за пропуштеното. По еден кикс на Адријан, Вилијан постигна гол во 13. минута за водство од 1-0.
Во вториот дел Ливерпул тргна уште поофанзивно кон изедначување, а при една таква игра Челси беше опасен при контра напади. Баркли со убав гол во 64. минута зголеми на 2-0.
Челси можеше да дојде и до поголема победа, но Маунт и Жиру ја погодија пречката, а Педро промаши еден на еден против Адриан.
Со овој триумф Челси се пласира во четвртфиналето од ФА Купот, а Ливерпул го заврши и второто куп натпреварување.