Манчестер јунајтед повторно ќе се засилува, овој пат во летниот преоден рок, а вакво сценарио најави токму извршниот потпретседател на клубот, Ед Вудворд кој беше главна мета на критики кај фановите на Премиерлигашот од „Олд Трафорд“.
Вудворд не крие дека е потребно многу повеќе од засилување од типот на Бруно Фернандеш, кого го ангажираа за близу 70 милиони фунти, но, факт е дека во Манчестер јунајтед ја почнаа реконструкцијата на составот за враќање на победничките патеки на клубот, а се чини дека операцијата почна уште од ланското лето со потрошените 145 милиони фунти за Хери Мегваер, Арон Ван-Бисака, како и Даниел Џејмс.
„Ангажманот на Фернандеш и враќањето на клучните фудбалери од повреда ќе биде дополнителен стимул за Оле Гунар Солшер и неговите избраници, откако веќе влеговме во вториот дел од сезоната, остануваме во игра за Лига Европа како и ФА Купот, ќе се бориме и за место во Лигата на шампионите идната сезона, постои уште многу работа, многу натпревари…“ рече Вудворд.
„Како и да е, како клуб, ние имаме во предвид дека ние се уште не сме онаму каде што посакуваме да бидеме, главен приоритет во клубот секако е враќање во битката за титулите во Премиерлигата, како и Лигата на шампионите“ додава тој.
„Како дел од планот за реконкструкција на составот, ние гледаме убава и воедно важна прилика во летниот преоден рок, вложивме над 200 милиони фунти од доаѓањето на Солшер, а испраќаме порака дека продолжуваме да внесуваме дополнителен квалитет во тимот, Бруно Фернандеш, како и фудбалерите кои ги ангажиравме ланското лето се доказ дека процесот е на вистински пат“ заклучи Вудворд.