Претседателот на Лече, Стичи Дамиани ја разбира фрустрацијата во Наполи поради контроверзната ситуација со ВАР во изненадувањето кое викендов го претрпе италијанскиот вицепрвак во „Серија А“.
Наполи се „сопна“ на домашен терен во дуелот со Лече каде загуби со 2-3, а првиот човек на победничкиот табор признава дека постои проблем околу правилата во однос на делењето на правдата на натпреварите.
„Проблемот со судиите, не само за овој случај, туку и општо гледано, постојано се повторува, сево ова треба да се разгледа, да се дискутира по ова прашање со оглед на фактот што сериозно треба да се разгледаат правилата“ вели Дамиани.
„Кога треба или не треба еден судија да прегледа снимка со помош на ВАР технологијата? Во Фиренца, Лече дојде до победа, но постоеа две неверојатни ситуации каде не добивме пенал, а освен тоа, судијата дури не сакаше да ја прегледа снимката, очигледно е дека постои проблем околу правилата“ додаде тој.
Во Наполи владее големо незадоволство од арбитражата за дуелот кој се одигра вчера, откако Антонио Џиа му додели жолт картон за симулација на Аркадиуш Милик, иако ситуацијата налагаше нешто сосема друго.
Во Италија шпекулираат дека Џиа одбил да ја види ситуацијата со помош на ВАР технологијата од мониторот крај аут линијата, иако од ВАР собата му посочиле да го стори тоа.