Искусниот Ешли Јанг вели дека ужива во својот престој во Милано, меѓу другото и настапите во дресот на Интер, откако синоќа „Нероаѕурите“ во еден спектакуларен меч со градскиот ривал Милан иако губеа со 0-2, на крајот славеа со 4-2, за израмнување со Јувентус во однос на бодовите, и делба на првото место на табелата по 23 одиграни кола во „Серија А“.
Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед кој во Милано пристигна претходниот месец, веќе стана еден од клучните играчи на составот предводен од Антонио Конте, а синоќа го одигра речиси целиот меч, откако беше повлечен од теренот при самиот финиш на дербито кое се играше пред 75,000 гледачи на „Сан Сиро“.
„Ова беше едно неверојатно чувство, можевте и самите да се уверите како ја доживеавме победата по мечот на кој покажавме карактер и сила“ рече Јанг по дербито.
„Да имате негатива од 0-2 на едно вакво дерби и да се вратите со победа, тоа доволно говори за вашиот карактер, ова беше едно неверојатно искуство“ додава Јанг, кој имаше интересен одговор на прашањето дали синоќешното градско дерби со Милан беше највпечатливиот момент од неговата кариера.
„Дефинитивно, јас тука дојдов да играм фудбал и да победувам на натпреварите, а кога ќе се случи една ваква победа, на начин на кој ние тоа го сторивме, тоа е едно навистина неверојатно чувство, верувам дека не постои подобро нешто од ова“ заклучи 34 годишниот Англичанец.