Реал конечно раскрсти со Фабио Коентрао, кој пристигна на Сантијаго Бернабеу во 2011 за 30 милиони евра.
Откако минатата сезона левиот бек ја помина на позајмица во Спортинг Лисабон, ова лето се врати во Мадрид но не беше дел од плановите на Хулен Лопетеги и јасно беше дека за него нема иднина во редовите на шампионот на Европа.
Во последниот ден од преодниот рок Реал Мадрид соопшти дека постигнал согласност со Фабио Коентрао за прекин на соработката, а кратко потоа Португалецот обелодени дека се сели во Рио Аве, клубот каде ја започна кариерата.
Медиумите од Португалија пред неколку дена шпекулираа дека Реал Мадрид му нудел 3 милиони евра на Фабио Коентрао за да си ги спакува куферите, додека пак играчот барал 4 милиони евра. „Кралевите“ сепак не открија никакви детали, и дали и колку му платиле на играчот за раскин на договорот.