Барселона ги
стартуваше подготовките за новата сезона со победа, утрово во Калифорнија
шампионот на Шпанија славеше над Тотенхем. „Каталонците“ имаа предност од 2-0
на полувремето, но „Спарси“ се врати во финишот од мечот, па пенал серијата го
даде победникот.
Резултатот беше
отворен во 15. минута, Рафиња спушти топка на втората статива каде Мунир само
се поклони и ја затресе празната мрежа. Избраниците на Валверде ја дуплираа предноста
во 29. минута, новајлијата Артур испука
„проектил“ од врвот на шеснаесетникот и донесе 2-0.
Тотенхем сепак не
се откажа и во второто полувреме за две минути постигна два гола. Најпрво Сон
намали на 2-1 во 73. минута, а потоа Н’Куду 120 секунди подоцна изедначи на
2-2.
Во пенал
серијата, играчите на Барса не промашија, Силесен го одбрани ударот на младиот
Георгиу, па победата им припадна на „Каталонците“.