Шегата на Емануеле Калаио може скапо да ја чини Парма. Пред последниот натпревар на „Млекарите“ од сезоната против Специја, тој на Ватсап испратил пораки до неговите пријатели од противничкиот табор. Напаѓачот на шала барал да не го дадат максимумот, но обвинителството при Фудбалската федерација на Италија не гледа така на работите и целата ситуација ја смета како обид за местење натпревар.
Уште по крајот на сезоната беше отворена истрага, а според медиумите од Италија, обвинителот кој го води случајот сега побарал на Парма да и бидат одземени два бода а Калаио да добие суспензија од четири години.
Доколку судот го прифати барањето, Парма ќе остане без местото кое им донесе директен пласман во Серија А, а најголема корист може да има Палермо на нашите Илија Несторовски и Александар Трајковски. „Сицилијанците“ беа на прагот на промоција, но го загубија баражот за враќање во елитата. Сепека, тие сега на зелена маса би можеле да се вратат во Серија А.