Арсими промовира три нови имиња за следната натпреварувачка сезона во Првата македонска фудбалска лига.
Нов член на клубот е 21-годишниот италијански напаѓач Салваторе Рибаудо, кој во младинските категории настапуваше за Палермо и Парма. Во досегашната кариера беше дел и од Авецано, Кјери, Брера, албанска Лушња и шпанска Реал Авила, а има настапи и за младинската репрезентација на Италија до 15 години.
Во нападот ќе конкурира и Лорик Каба Јакупи, кој пристигнува од Шкендија. Напаѓачот има повеќе од 60 настапи во Првата македонска фудбалска лига и европските натпреварувања, а ги мина и сите младински селекции на Македонија.
Третото засилување е играчот за врска Ѓорѓи Дошев, кој доаѓа од Брера. Во кариерата настапуваше и за Македонија ЃП и Вардар, а во моментов е стандарден член на младата репрезентација на Македонија до 21 година.
Арсими не планира да застане тука. Според информациите, клубот е пред договор за уште едно засилување, откако на позајмица од Вардар треба да пристигне Ибрахим Олаосебикан. Ако не дојде до неочекуван пресврт, трансферот наскоро ќе биде официјализиран.