Елиф Елмас и официјално се збогува со Наполи. Денеска, на 30 јуни, истекува неговата позајмица во италијанскиот клуб, кој нема да ја искористи можноста за целосен откуп на македонскиот репрезентативец.
Наполи преку објава на социјалните мрежи му се заблагодари на Елмас за неговиот ангажман и му посака многу среќа во продолжението од кариерата, порачувајќи дека секогаш ќе биде дел од нивното семејство. Со тоа стана јасно дека македонскиот фудбалер нема да остане на стадионот „Диего Армандо Марадона“ и од новата сезона ќе настапува во друг клуб.
Елмас формално се враќа во Лајпциг, но според најавите, германскиот клуб и македонскиот репрезентативец ќе работат на нов трансфер, бидејќи шансите тој да остане во Бундеслигата се минимални.
Досегашниот тек на кариерата покажа дека Елмас најдобро се снаоѓа во италијанскиот фудбал, па не е исклучено и следниот предизвик да го има токму во Серија А.