Иднината на Роберто Мартинез на клупата на Португалија изгледа неизвесна, а шпекулациите околу неговото заминување стануваат сѐ погласни за време на Светското првенство.
Португалската репрезентација не ги оправда очекувањата на последните натпревари, а по ремито против ДР Конго критиките кон селекторот дополнително се засилија. Дел од јавноста е незадоволна и од улогата на Кристијано Роналдо, кој и понатаму има загарантирано место во стартниот тим и покрај скромниот ефект на теренот.
Според најновите информации, Мартинез веќе воспоставил контакти со Ал Наср и е меѓу главните кандидати за преземање на саудискиот клуб по завршувањето на Мундијалот. Ваквите вести предизвикаа бурни реакции кај португалските навивачи, кои сметаат дека евентуалната поврзаност со клубот на Роналдо отвора дополнителни прашања околу одлуките на селекторот во националниот тим.
Иако Мартинез јавно продолжува да застанува зад својот капитен, сѐ повеќе се шпекулира дека неговата селекторска епизода ќе заврши по Светското првенство, без разлика на конечниот резултат што Португалија ќе го оствари на турнирот.