Медиумите од Шпанија ги откриваат причините за конфликтот помеѓу Килијан Мбапе и Алваро Арбелоа, се почнало на последниот тренинг пред „Ел Класико“.
Реал Мадрид има турбулентен крај на сезоната, исполнет со тензии и конфликт, последниот случај е судирот помеѓу Килијан Мбапе и Алваро Арбелоа.
Килијан Мбапе преку медиумите го нападна Алваро Арбелоа по крајот на вчерашниот натпревар против Овиедо, а тренерот жестоко му одговори на напаѓачот.
Новинарите блиску до „кралевите“ сега откриваат како пукнала тиквата и кои се причините за конфликтот.
Се почнало на последниот тренинг пред „Ел Класико“, кога на 5 минути пред крајот, Килијан Мбапе се повлече поради повреда.
Наводно Французинот дознал дека нема да биде стартер против Барселона, мечот ќе го почнел од клупата, па ова не му се допаднало и решил да „лажира повреда“. Токму во оваа насока одеше и синоќешниот одговор на Алваро Арбелоа, „Ако не беше спремен ни за клупа, како можеш да бидеш стартер четири дена подоцна?“
Натегањето продолжило и на прес-конференцијата пред мечот против Овиедо, кога Алваро Арбелоа упати зајадлив коментар, и на прашањето дали Килијан Мбапе ќе игра, тој кратко порача: „Ајде прво да видиме дали ќе го заврши тренингот…“
Иако Килијан Мбапе бил фит да го почне натпреварот против Овиедо, Алваро Арбелоа намерно го оставил на клупата, а одреди извори велат дека и намерно го заменил со Гонзало Гарсија, за младото момче да добие аплауз, а Французинот да добие свирежи и до израз да дојде гневот на публиката.