Ханси Флик вели дека сака да стави потпис на нов договор со Барселона, целта му е да ја освои Лигата на шампиони и да биде тренер на „каталонците“ на целосно реновиран Камп Ноу.
Барселона подолго време е во преговори со Ханси Флик за продолжување на соработката и се очекува двете страни во скоро време да си подадат рака.
Германскиот стратег попладнево уште еднаш потврди дека сака да остане на кормилото на „каталонците“ и наброја две причини со кои дополнително ги „купи“ навивачите.
„Планирам да останам. Искрено го мислам тоа. Ова ќе биде последниот чекор во мојата кариера. Се чувствувам одлично. Би сакал да продолжам, но сега не е време да се зборува за тоа“ – рече Ханси Флик на средбата со новинарите.
Тој потоа додаде: „Лигата на шампиони е мојот голем сон. Има две работи кои сакам да ги остварам. Првата е да ја освоиме Лигата на шампионите и мислам дека можеме да го сториме тоа, имаме фантастичен тим. Само треба да повлечеме прави потези, тука мислам и на трансфер пазарот. Тимот е млад и има огромен потенцијал“.
„Втората работа е да бидам тренер на Барселона на целосно реновиран Камп Ноу“.