Џејми Карагер ја повика управата на Тотнем да му врачи отказ на тренерот Игор Тудор откако овој клуб викендов доживеа тежок пораз на домашен терен од Нотингем форест со убедливи 3-0.
Со овој резултат, „спарси“ паднаа на 17. место во Премиер лигата, само еден бод над зоната за испаѓање, на седум кола до крајот на сезоната. Тудор на клупата на Тотнем има катастрофален учинок од пет порази и едно реми во шест лигашки натпревари, пренесува „Мирор“.
Поранешниот тренер на Јувентус беше ангажиран во февруари со јасна задача, да обезбеди опстанок по лошиот зимски период под водство на Томас Франк, кој доби отказ по само осум месеци. Сепак, Тудор не успеа да ја промени негативната серија на тимот од северен Лондон и работите не изгледаат дека одат на добро.
Поради ваквата ситуација, легендата на Ливерпул, Карагер, смета дека најдобро решение е двете страни да се разделат за време на репрезентативната пауза.
„За жал, со оглед на неговата семејна ситуација и резултатите, мислам дека за Тотнем најдобро е да се раздели со Тудор и да се обиде да донесе нов тренер до крајот на сезоната“, изјави Карагер за „Скај Спортс“.
Со оглед на тоа што следниот натпревар „спарси“ го играат дури на 12 април против Сандерленд, Карагер потенцира дека одлуката мора да се донесе веднаш.
„Мораат тоа да го направат сега. Едноставно не од. тренерот пробува различни системи и стилови на игра“, истакна тој.
Карагер објасни дека Тудор започнал со тројца во одбраната и игра „човек на човек“, но во последните натпревари преминал на формација 4-4-2 и директен фудбал.
„Пробува различни работи, но ништо не функционира. И како што велам, сурово е тренер да добие отказ толку рано, но токму затоа беше донесен, за моментален ефект, а тоа не се случи“, додаде тој.