Енцо Мареска денеска и официјално доби отказ од тренерската позиција во Челси, со што ја заврши својата авантура на „Стемфорд Бриџ“ по само 18 месеци. Веднаш по соопштението на лондонскиот клуб, британските медиуми почнаа да ја откриваат позадината на одлуката на управата.
Како што објавува угледниот „Гардијан“, една од клучните причини за разделбата биле и контактите што италијанскиот стратег ги остварувал со луѓе блиски до Манчестер сити. Неизвесноста околу неговата иднина во клубот траела веќе извесно време, а уште минатиот месец станало јасно дека односите меѓу Мареска и раководството се сериозно нарушени.
Во Челси, според истите извори, постои впечаток дека и самиот Мареска размислувал за заминување, а отказот доаѓа во чувствителен момент, само неколку дена пред гостувањето кај Манчестер сити во Премиер лигата.
Ситуацијата дополнително се искомплицирала по неговите нејасни изјави за „најлошите 48 часа“ поминати во клубот, дадени по победата над Евертон на 13 декември. Иако тогаш избегна конкретни објаснувања, сега станува појасно што стоело зад тие зборови.
Според информациите, Мареска во два наврати, кон крајот на октомври и повторно по дуелот со Евертон им признал на челниците на Челси дека имал разговори со лица поврзани со Манчестер сити. Во фокусот на тие разговори била можноста Италијанецот да ја преземе тренерската позиција доколку Пеп Гвардиола се повлече на крајот од сезоната, имајќи предвид дека Мареска беше дел од неговиот стручен штаб во сезоната 2022/23.