Еберечи Езе во 2011 година плачел цела недела откако добил известување од Арсенал дека не е доволно добар, но сега ќе стане третото најскапо засилување во историјата на „топчиите“.
Еберече Езе во средата наутро беше пред трансфер во Тотнем, но целата ситуација драматично се промени поради повредата на Каи Хаверц (која се верува дека е посериозна), па Арсенал во вечерните часови успеа да го украде Англичанецот од пред носот на својот локален ривал.
За Еберечи Езе ова ќе биде остварување на сонот, иако до него ќе стигне по трнливиот пат.
Во 2011 година, кога Еберечи Езе имал само 13 години и тренирал во школата на Арсенал, бил известен дека не е доволно добар и треба среќата да си ја побара на друго место.
Во мај месец, во пресрет на финалето во ФА Купот, Еберечи Езе за овој момент рече: „Ова беше една од најтешките битки. Арсенал ми значеше многу тогаш па плачев цела недела“.
Еберече Езе подоцна бил одбиен и од Фулам, Рединг и Милвол, а кога во 2016 се подготвувал да се запише на факултет и да почне да работи во ланецот супермаркети Теско, добива повик дека КПР е подготвен да му даде шанса.
Тој успева да се наметне во првиот тим, прикажува одлични партии и во 2020 се сели во Кристал Палас во зделка вредна околу 19,5 милиони фунти, плус КПР добива клаузула за 15% од профитот од следна продажба.
Па сега, 14 години по фамозното „не си доволно добар“, Еберечи Езе ќе си го оствари сонот да заигра за Арсенал, и не само тоа, ќе стане третото најскапо засилување на „топчиите“ откако клубот од Северен Лондон се сложи на Кристал Палас да му плати околу 68 милиони фунти.
ФОТО: X/Crystal Palace F.C.