Вардар има тешка мисија, на „Аноета“ да најде излез од кризата

by
1 минути читање

Во првите три кола од Лига Европа, Вардар имаше разочарувачки настап, особено очаен беше на дуелот со Реал Сосиедад во Скопје каде прими шест голови.

Денеска фудбалерите на Чеде Јаневски му гостуваат на Реал Сосиедад и ќе се обидат да покажат многу повеќе од досега прикажаното.

Вардар е во криза, во Лига Европа реди високи порази, а во последните три кола во домашното првенство освои само еден бод. Алармот е веќе вклучен и мора да се прикажат подобри резултати.

„Сакаме на последните три меча од Лига Европа да се прикажеме во подобро светло. Пред нас е тежок натпревар, но се надеваме дека со позитивен пристап и желба ќе дојдеме до еден добар резултат“ – вели Чеде Јаневски.

„Јасно е дека сме во криза, но овие мечеви можат да имаат позитивно влијание. Нема да се предадеме, сакаме да го поправиме лошиот впечаток кој го оставивме на првиот натпревар против Реал Сосиедад“.

Македонскиот шампион во квалификациите одигра на високо ниво, прикажа фантастични партии, но откако ја оствари целта и се пласираше во Лига Европа како да е сосема друг тим. Ја нема борбеноста, дисциплината и жарот во играта кои беа присутни.

Мисијата за освојување на бод од „Аноета“ можеби во овој момент изгледа невозможно, но вардаровите фудбалери мораат да му пружат достоен отпор на силниот противник, да одиграат многу подобро и да ги задоволат своите навивачи.

Натпреварот помеѓу Реал Сосиедад и Вардар почнува од 21:05 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани