22 годишниот македонски интернационалец од редовите на
шпанскиот прволигаш Леванте, Енис Барди изминатиов викенд го постигна својот
четврти гол во дебитантската сезона во Примера.
Барди погоди во ремито кај Еибар кое заврши со 2-2, голот
на Македонецот биеше за водство од 0-2 за гостите од Валенсија кои до крајот
испуштија исклучително важни три бода од ова гостување.
Со девет настапи и четири погодоци нашиот фудбалер е
предводник на Леванте, носи мошне важни бодови за својот клуб во најсилниот
шпански фудбалски шампионат, а притоа има и еден интересен статистички податок.
Интересно, убиственото трио во нападот на шпанскиот и
европски првак Реал Мадрид, Кристиано Роналдо, Карим Бензема и Герет Бејл, имаат
заедно постигнато вкупно четири погодоци во Примера.
Секако, суспензијата на Роналдо, како и
повредите на Бензема и Бејл никако не можат да бидат оправдување за нив ако се
земе во предвид бројот на нивните настапи во Примера сезонава и заедничкиот
учинок.
Така, најдобриот фудбалер на светот во изборот на ФИФА, Португалецот
Кристиано Роналдо на шест настапи погоди само еднаш, исто учинок има и Карим
Бензема. Герет Бејл пак со пет настапи има два гола засега.
Ниту фудбалерите од средниот ред на гигантот немаат таков
учинок како нашиот Барди, ако се земе во предвид дека играта во средината е
природната средина за нашиот фудбалер на натпреварите.
Така, Иско и Асенсио се издвојуваат со по десет настапи и
три погодоци, по нив е новајлијата во тимот Дани Себалјос со четири настапи и
два погодоци.