Италијанскиот гигант Милан го промовира новиот тренер, Пауло Фонсека. Португалецот неодамна пристигна во Милано и на официјалната презентација ја имаше својата прва прес-конференција.
Нему добредојде му посакаа директорите Ибрахимовиќ, Монкада и Фурлани. Фонсека во обраќањето зборуваше на повеќе теми, најавувајќи ја својата работа во Милан.
„Знам дека доаѓам во клуб кој сака да победува. Бев во неверојатниот клупски музеј и ја разгледав историјата на Милан, морам да признаам дека сум среќен што ќе бидам дел. Подготвен сум и не можам да го дочекам почетокот. Морам да признаам дека сум тука бидејќи верувам во борба за скудетото. Верувам во играчите кои ги поседува Милан. Не е тајна дека ни се потребни засилувања, има некои позиции кои треба да ги подобриме“, изјави Фонсека.
Пауло Фонсека доби двегодишен договор во Милан со опција за продолжување на уште една.