Парижани капитулираа во Дортмунд, Борусија поблизу до финалето (ВИДЕО)

by 24 фудбал
2 минути читање

Фудбалерите на Борусија Дортмунд славеа минимално во дуелот со ПСЖ (1-0), во рамките на полуфиналето на Лигата на шампионите. Првата средба од двомечот на „Сигнал Идуна Парк“ мина во знакот на домаќинот кој со голот на Никлас Фиклруг дојде до триумф, па во Париз ќе биде чекор поблизу до мечот за трофејот.

По израмнетиот почеток на пресметката во Дортмунд, првата шанса ја имаа домаќините. Австрискиот играч за врска Марсел Сабицер излета откосо пред голот, меѓутоа голманот Донарума истрча и го одбрани ударот. Следеше мирен период до пред полувремето, а тогаш падна голот за Борусија. Неочекувано дефанзивецот Шлотербек исфрли топка преку гостинската одбрана, а таму ја дочека Никлас Филкруг. Германскиот напаѓач истрча и стрела за 1-0 во 36. минута. До одморот домаќините можеа и да ја удвојат предноста, меѓутоа Сабицер биеше крај голот.

Во вториот дел парижани се наметнаа и почнаа да притискаат. Во тој период на притисок двапати се тресеше стативата од голот на Кобел во една минута. Прво Килиан Мбапе одлично се намести и биеше елегантно во дирекот, а по него рамката ја погоди и бекот Хакими. ПСЖ продолжи да реди шанси, пак се обиде Мбапе, па можност имаше и Руиз. На спротивната страна во два наврати се закани стрелецот на голот Филкруг, меѓутоа резултатски промени немаше.

Како што одминуваше времето, темпото на игра опаѓаше. Парижани го попуштија притисокот, а тогаш Борусија се обиде да дојде до поубедлива победа. Сепак, мрежите мируваа до крајот и реваншот на „Паркот на принцовите“ ќе биде одлучувачки за патникот во финалето.

Средбата во Париз се игра следниот вторник во стандарден термин од 21:00 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани