Фудбалскиот клуб Баерн Минхен беше елиминиран во полуфиналето на Лигата на шампионите, откако во луд финиш дозволи пресврт против Реал Мадрид (2-1). Сепак, крајот на натпреварот го одбележа судиска одлука која прекина акција од која баварците дадоа гол.
Нетипично за модерниот фудбал, Шимон Марчињак и соработниците рано и брзо сигнализираа офсајд прекинувајќи акција на Баерн, а откако играчите на Реал застанаа падна и гол за 2-2. Сепак, јасно беше дека нема менување, иако и самата недозволена позиција беше дискутабилна. Еден од најбесните на теренот беше ветеранот Томас Милер, кој не можеше да верува што гледа…
„Одлуката на судијата беше навистина брутална. Тоа беше неверојатно. Нема никаква причина за да се свирне офсајд толку бргу во таква ситуација. Ќе беше 2-2 и ќе одевме на продолженија. Ситуацијата беше многу чудна. Не можам да кажам што точно се случи, но во Мадрид вакви работи често се повторуваат. Дури и нам веќе ни се случиле слични ситуации“, заклучи Милер.
Баварците ја завршија сезоната на неуспешен начин и без трофеј, бидејќи во Бундеслигата останаа без трофејот од Баер Леверкузен, а рано беа елиминирани и во Купот.