Фудбалерите на Арсенал славеа во дербито на колото во Лигата на шампионите, на домашен терен против ПСЖ со 2-0 (2-0). Натпреварот на „Емирати“ му припадна на домаќинот кој одигра доминантно и во целост го надигра противникот. „Топџиите“ во првото полувреме стекнаа двојна предност, откако Каи Хаверц во 20 и Букајо Сака во 35 минута го матираа Донарума. Во продолжението парижани повеже ја имаа топката, но Арсенал беше поконкретен. Сепак, промени во резултатот немаше.
Второто дерби вечерва се играше во Леверкузен, каде што Баер минимално го совлада Милан (1-0). Средбата на „БајАрена“ понуди две различни полувремиња, бидејќи домаќинот доминираше во првото, а гостинот во второто. Човек на одлука на оваа средба беше Виктор Бонифејс, но мора да се нагласи дека пред двата гола имаше доста неискористени шанси.
Сигурен беше Интер во домашниот меч против Црвена Звезда и на рутина ја совлада со 4-0 (1-0). „Нераѕурите“ поведоа во 11 минута со ефектен гол на Хакан Чалханоглу од слободен удар, а имаа и два поништени погодоци во првиот дел. Во продолжението на 2-0 зголеми Арнаутовиќ, потоа погоди и Лаутаро, а конечниот резултат го постави Тареми со гол од пенал.
Убедлива победа забележа екипата на Барселона на домашниот меч со Јанг Бојс од 5-0 (3-0). Роберт Левандовски беше двоен стрелец за каталонскиот гигант, додека погодуваа уште Рафиња и Мартинез во мрежата на швајцарскиот тим.
Борусија Дортмунд беше најдобра оваа вечер, бидејќи го декласира Селтик со 7-1 откако уште во првиот дел даде „петарда“ во мрежата на шкотскиот гигант. Чан од пенал донесе предност, а Маеда израмни. Тогаш следеше шоу на Адејеми кој до крајот на полувремето даде хет-трик, додека уште двапати погоди Серху Гираси и еднаш Нмеча.
И Манчестер Сити беше убедлив на гостувањето кај Слован Братислава (0-4). Избраниците на Пеп Гвардиола без потешкотии го совладаа домаќинот во Словачка со головите на Гундоган, Фоден, Халанд и Мекати.
ПСВ и Спортинг одиграа нерешени 1-1 во Ајндховен.