Фудбалерите на Реал Мадрид ќе играат во финалето на Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд, откако го добија полуфиналниот двомеч против Баерн Минхен. Реванш дуелот на „Сантијаго Бернабеу“ понуди доста полемики поради прерано кренатото знаменце и досудениот офсајд на искусниот Шимон Марчињак.
Сега, откако впечатоците слегнаа прашање на оваа тема доби Тони Крос, кому не му беше проблем да одговори искрено.
„Тоа беше лоша одлука на судиите. Мораа да пуштат играта да продолжи. Мислам дека грешката беше кај помошниот арбитар, бидејќи ако тој го крена знаменцето главниот судија му веруваше и мислеше дека сè е јасно, поточно дека е чист офсајд“, призна Крос.
Ситуацијата веќе се архивира, а „кралевите“ полека се насочуваат кон тоа што следи. Реал веќе ја обезбеди титулата во Ла Лига и може целосниот фокус да го стави кон финалето на елитното натпреварување на први јуни на „Вембли“.