Екс-играчите на Шкупи „трагичари“ на Балкани: Тим од Андора на чекор до историја во евро-куповите!

by 24 фудбал
1 минути читање

Во првото квалификациско коло на Лигата на шампионите „пукна“ сензација, бидејќи Санта Колома од Андора го исфрли косовски Балкани со триумф на пенали 6-5 (2-1).

Косовците апсолутно потфрлија, го добија првиот меч на гости со 2-1, а потоа дома загубија со истиот резултат по продолженија. Поранешните играчи на Шкупи беа „трагичари“ на Балкани. Сандеј Адетунџи поцрвене во 38. минута и тоа ѝ даде шанса на Санта Колома. Во вториот дел тимот од Андора притискаше, а до гол кој ги одведе во продолженија дојде преку автоголот на Валид Хамиди (исто така екс-играч на Шкупи).

Во продолженијата Санта Колома поведе и со 0-2 преку Де Жезус, но Хамиди врати на 1-2 и потоа се шутираа пенали во кои Андорците беа подобри.

Санта Колома со оваа победа дојде на чекор до историја. По новиот формат, на тимот од Андора му е потребен еден добиен двомеч и првпат во историјата тим од оваа земја ќе игра во европските купови. Санта Колома во второто квалификациско коло на Лигата на шампионите е аутсајдер против Мидтјиланд. Доколку испадне, би играле трета рунда во Лигата на Европа, а доколку и таму загуби третата шанса е плеј-офот за место во групите на Конференциската лига.

За ситуацијата да биде уште поинтересна, Балкани две сезони по ред беше учесник на групите во Конференциската лига на УЕФА, а и сега ќе се префрли во квалификациите за ова натпреварување.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани