Херој на Борусија Дортмунд во првата полуфинална средба во Лигата на шампионите против ПСЖ беше Никлас Филкруг. Со единствениот погодок на средбата германскиот напаѓач донесе предност во однос на реваншот во Париз.
Пофалби на адреса на Германецот стигнаа од италијанската легенда Алесандро Дел Пиеро. Славниот напаѓач на Јувентус со многу епитети зборуваше за Филкруг.
„Понекогаш немате енергија, простор или квалитет за да играте акции кои почнуваат од последната линија. Бум! Тогаш играте долга топка. Филкруг може да се избори и да ја сочува топката, така на соиграчите им дава шанса да му се приклучат во нападот. Борусија тоа го направи. Исто така, тој е вистинска опасност и во шеснаесетникот, вистински голгетер.
Го видовме неговиот погодок, а во првиот дел имаше уште една шанса во која можеше да шутне, но мирно му додаде топка на Сабицер. Тоа беше прекрасно проигрување. По мене, ова момче игра на друго ниво. Не е многу брз, ниту моќен физички, ама затоа е многу продуктивен. Филкруг е потценет напаѓач“, изјави Дел Пиеро.
Оваа сезона Никлас Филкруг има три погодоци во Лигата на шампионите, а вкупни 16 во сите натпреварувања за Борусија Дортмунд, на кои додаде и десет асистенции.