Ливерпул ќе започне нова ера во клубот со доаѓањето на Арне Слот како наследник на Јирген Клоп. Германскиот стратег по осум сезони и огромни успеси зад себе замина од славниот англиски клуб, а се очекуваа и доста промени во играчкиот кадар.
Една од најзвучните шпекулации беше дека првата ѕвезда на тимот Мохамед Салах ќе тргне по арапските милиони и ќе замине од „Енфилд“. Се поврзуваше Египќанецот со заминување низ текот на целата сезона, а сега со една порака делува дека ги реши недоумиците.
„Знаеме дека во Ливерпул се бараат единствено трофеи. Ќе направиме сè што е во наша моќ да освојуваме и во следната сезона. Нашите навивачи тоа го заслужуваат, а ние како фудбалери ќе се бориме до крајните граници да го исполниме тоа“, напиша Салах на социјалните мрежи.
Инаку, Салах пристигна во Ливерпул на мала врата пред седум години од Рома, меѓутоа тука се издигна во еден од најдобрите играчи во Премиер лигата.