Фудбалерите на Атлетико Мадрид славеа на мечот против Слован Братислава (3-1) во шестото коло на Лигата на шампионите.
Средбата на „Ванда Метрополитано“ мина според планот за домашната екипа која беше фаворит. Поведе екипата на Чоло Симеоне преку Хулиан Алварез по 16 минути игра, по асистенција на Лино. Следеше пех за Слован и повреда на екс-вардарецот Барсегјан.
До полувремето на 2-0 зголеми Антоан Гризман со погодок во 42. минута. На стартот на продолжението успеаја гостите да намалат со голот од белата точка на Стрелец. Сепак, набргу Гризман вторпат стрела и ги постави конечните 3-1 во 57. минута.
Ефикасна победа забележа и Лил против Штурм Грац (3-2). „Догите“ стекнаа двојна предност преку Сахрауи и Бакер, а потоа Австријците се вратија до егал. Погодуваше Штурм преку Китеишвили во финишот на првиот, а Бирет на стартот на вториот дел за 2-2. Сепак, пред финишот трите бода за Французите ги обезбеди Харалдсон.