Рома претходната седмица го отстрани младиот Никола Залевски од првиот тим, откако фудбалерот одби трансфер во Турција за кој требаше „волчицата“ да профитира 15 милиони евра.
Тогашниот тренер Даниеле Де Роси најави дека нема да се меша во работата на управата, меѓутоа поинаку размислува новиот предводник Иван Јуриќ. Хрватот кој седна на клупата на „волчицата“ успеа да се договори со управата и Залевски се враќа во првиот тим.
Тој ќе продолжи да тренира и ќе конкурира за настапи за Рома. Се работи за момче кое од 2009 година е член на клубот. Во првиот тим дебитираше во 2021 година и оттогаш собра 109 настапи. Залевски има договор со Рома до следното лето, а двете страни веројатно ќе преговараат за продолжување или тој ќе биде продаден на зима.