Струга Трим Љум го дозна противникот во првото квалификациско коло на Лигата на шампионите. Среќата посака македонскиот првак да налета на Слован Братислава кој беше веројатно најтешка можна опција.
По ждрепката своите очекувања, но и борба најави тренерот на стружани Ќатип Османи.
„Ждрепката е среќа, а ние налетавме на посилен противник од ривалите со кои можевме да играме. Мора максимално да се подготвиме за тие два натпревари. Самото име, но и резултатите на Слован покажуваат за каков клуб се работи. Нема да се предадеме пред време и ќе дадеме максимум. Во денешниот модерен фудбал домашниот терен не игра преголема улога. Не е како порано реваншот на домашен терен да носи одредена предност. Мора да влеземе со позитивна енергија и самодоверба уште во првиот натпревар, па да се вратиме од Братислава со позитивен резултат“, изјави Османи.
Првиот натпревар Струга ќе го игра на гости кај Слован во Братислава, додека реваншот е закажан за во Македонија. Минатата сезона стружани играа во Охрид, па се очекува и оваа да се обидат да го направат „Билјанини Извори“ свој дом“.