Екипата на Тиквеш е освојувачот на трофејот во Купот на Македонија откако вечерва на Арената „Тодор Проески“ славеше заслужена победа над Воска Спорт со 2:1.
Мотивирани од поддршката од околу 10.000 свои фанови, Тиквеш доминираше од самиот старт и создаваше шанси пред голот на Захов.
За прв гол на натпреварот се чекаше до завршницата од првиот дел кога Кристијан Стојкоски со едно ремек-дело од слободен удар го матираше чуварот на мрежата на охридскиот тим. Тоа беше и единствениот гол во првиот дел.
Продолжи Тиквеш со шансите и во вториот дел, па така една од нив во втор гол претвори Луан Силва.
Воска иако немаше премногу прилики, сепак по грешката на голманот Ренер постигна гол на надеж во 77. минута, стрелаше Шаркоски.
До крајот иако Воска притисна и во последните моменти се пресели пред противничкиот гол, погодок немаше, па Тиквеш се радуваше на трофејот.