Maнчестер Сити вчера го освои својот десетти трофеј во Премиер лигата, но и шести во последните седум сезони. Исто така за избраниците на Пеп Гвардиола ова беше четврти во низа во најсилната англиска конкуренција, подвиг кој претходно не му успеал на ниту еден друг тим.
Вкупно 25 фудбалери на Манчестер Сити учествуваа и настапија во текот на сезоната, но четворица од нив нема да добијат шампионски медали.
Имено, освојувачот на титулата во Премиер лигата добива вкупно 40 медали кои се распоредуваат помеѓу фудбалерите и стручниот штаб. По правило, медали добиваат фудбалерите кои одиграле најмалку пет натпревари во сезоната, а 21 играч на Сити го исполнил тој критериум. Така четворица ќе останат без медал иако имаа настап за „граѓаните“.
Сите четворица во овој момент не се во клубот. Двајца се на позајмица, а двајца беа продадени. Ѕвездата на Челзи Кол Палмер кој сезонава постигна 22 гола и подели 10 асистенции, сезоната ја започна како играч на Манчестер Сити и запиша еден настап за овој тим против Барнли во првото коло.
На тој натпревар единствениот настап го забележа и дефанзивецот Емерик Лапорт кој потоа се пресели во Саудиска Арабија во редовите на Ал-Наср.
Џејмс Мкате исто така запиша еден наста пред да биде позајмен на Шефилд, а најблиску до медал беше Калвин Филипс. Во есенскиот дел од сезоната Филипс собра четири настап и уште на 17 натпревари беше на клупата. Подоцна „граѓаните“ го испратија на позајмица во Вест Хем и остана без тој еден настап кој сега му недостасува за медал.