Баерн Минхен вчера во рамките од 33. коло во Бундеслигата го победи Волфсбург со 2:0, а еден од стрелците беше хрватскиот фудбалер Ловро Звонарек.
На натпреварот со Волфсбург дебитираа Џонатан Асп Јенсен, Матео Перез Винлоф, Даниел Перец и Брајан Сарагоса кој го забележа првиот старт во дресот на минхенскиот клуб, како и младиот Ловро Звонарек.
Овој 18-годишник по натпреварот за баварците се најде на насловните страни на германските медиуми кои пишуваат дека Баерн во своите редови го има „новиот Лука Модриќ“.
„Ловро е одличен лик, многу вреден и заслужува се што му се случува. Имавме многу повреди и тој ја искористи својата прилика. Забавно е да се гледа како тренира и одигра многу добар натпревар. Имавме многу повреди, а тој на најдобар начин ја искористи својата прилика“, изјави тренерот на Баерн, Томас Тухел по натпреварот.
Инаку, Звонарек може да игра на скоро сите позиции во средниот ред, а во Баерн пристигна во септември 2021 година за 1.8 милиони евра од Славен Белупо.
Минатата сезона играше во Регионалната лига, четврто по ранг натпреварување во германскиот фудбал и таму запиша четири гола и две асистенции на 17 одигран натпревари, а оваа сезона направи исчекор и на 22 натпревари постигна осум голови и додаде шест асистенции.
Со првиот тим тренира еднаш или двапати неделно, Баерн планира за следната сезона да го испрати на позајмица во клуб каде што би собирал посериозна минутажа на највисоко ниво.
Исто така треба да се додаде дека тој е стандарден репрезентативец на репрезентацијата на Хрватска до 21 година и наскоро би можел да дебитира и во сениорскиот состав.