Во Англија започна легалниот процес и судењето на Манчестер Сити за 115 обвиненија за финансиски прекршоци. Се очекува долго и макотрпно судење, а главниот епилог може да биде навистина секаков. Според новинарот на „Дејли Телеграф“, Бен Рамсби, Сити би можел да биде исфрлен од сите натпреварувања оваа сезона, меѓутоа постои и опција да мине со минимална казна.
Доколку клубот биде означен за поголем дел од обвиненијата како виновен, може да добие навистина драконска казна. Ривалите на Сити бараат клубот да биде исфрлен од Премиер лигата, а доколку тоа се случи – повлекува многу повеќе. Ако еден клуб е исфрлен од првенството, ФА на Англија може да донесе одлука да го исклучи од ФА купот. Од друга страна правилата на Лига купот налагаат клубот да е член на една од четирите професионални лиги. Ако Сити е исфрлен од Премиер, нема повеќе да го задоволува тој критериум.
Се наметнува и прашањето за Лигата на шампионите. УЕФА издава посебни лиценци на сите учесници пред крајот на сезоната, па тешко е да се верува дека би можела среде сезона да влијае и да го казни Манчестер Сити.
Сепак, ако се отвори „пандорината кутија“, којзнае што може да излезе од неа… Сето ова засега се само претпоставки и потребно е да се сочека англискиот суд.